Претседателите на Бугарија и Албанија, Румен Радев и Илир Мета, ја осудија братоубиствената војна во Украина и повикаа на независна меѓународна истрага за злосторствата во Буча.
Претседателите на Бугарија и Албанија го поддржаа суверенитетот на Украина и ги осудија варварските злосторства познати на сите и побараа тие да се истражат меѓународно, како и да се решат сите прашања, јави дописникот на МИА од Софија.
Друга тема беа процесите поврзани со стабилноста на Западен Балкан, што според албанскиот претседател е важно за сите, но и за Бугарија, која како земја е посветена на напредокот на регионот во оваа насока. Бугарскиот претседател Румен Радев, како што јави дописникот на МИА од Софија, изјави дека со неговиот албански колега разговарале за стратешкиот проект „Коридор бр. 8“. Според Радев, има доцнење, но клучно е она што започна со потпишаниот меморандум меѓу Бугарија, Северна Македонија и Албанија за разгледување на овој проект. – Кризата покажа дека овој проект е важен за безбедноста на регионот, рече Радев.
Двајцата претседатели во разговорите ставија акцент на стабилноста на Западен Балкан, истакнувајќи колку е важна за Софија и Тирана, како и за Бугарија, која како земја е посветена на напредокот на регионот во оваа насока. Илир Мета коментираше дека е во посета на Бугарија за да го возврати гестот на посетата на Румен Радев по силниот земјотрес во Албанија пред две години.
Според Мета, Софија е драгоцен град за сите Албанци, а во минатото била дом на многу албански преродбеници. Од Софија ја инспирираа и подготвија независноста на Албанија. Важно е да го зајакнеме нашето партнерство и безбедност, истакна Мета на заедничката прес-конференција.
– Ние сме блиску до Бугарија, рече Мета, додавајќи дека Тирана ги поздравува сите напори што Софија ги прави како важна членка на НАТО. Албанскиот претседател, исто така, се заблагодари на Бугарија за нејзината поддршка во започнувањето на преговорите за членство во ЕУ и за Албанија и за Северна Македонија, што е корисен стратешки пристап.
Извор: МИА