Пратеникот од бугарската политичка партија „Продолжуваме со промената“ Атанас Михнев во изјава за локални медиуми најави дека „се движиме во насока на обезбедување апсолутно мнозинство во Парламентот“. Според него, во моментот се разгопвара со пратеници „со витстинска мотивација за промена на Бугарија“.
„Веруваме дека ќе ни се придружат пратеници кои имаат храброст да го носат зборот пратеник со содржина и ќе гласаат по совест, бидејќи политиката не е шоу, туку работа“, рече Михнев.
На новинарско прашање дали веќе се најдени такви лица, Михнев потврдно одговори. Пратеникот на прашањето дали се 12, рече: „Не, помалку. Одиме во насока да обезбедиме апсолутно мнозинство“.
Михнев најави дека министерските оставки поднесени од министрите на „Има таков народ“ нема да се гласаат неделава.
Претходно, бугарски медиуми јавија дека седуммина пратеници ќе ја напуштат пратеничката група на бугарската партија „Има таков народ“, објави „24 часа“. Тие ќе ја напуштат групата, иако се уште немаат цврст договор со „Продолжуваме со промената“, а се уште чекаат понуди за партнерство.
Веќе оваа недела, новите независни пратеници можеби ќе треба да бидат вклучени во клучното гласање.
Седуммината ги организира министерот за спорт во оставка на ИТН, Радостин Василев, кој се спротивстави на заминувањето на партијата од владата.
Со тоа во парламентарната група на ИТН ќе останат 13 пратеници колку се и на партијата Преродба.
Вечерва треба да стане јасна конечната бројка на тие пратеници. Лидерот на ИТН Слави Трифонов за вечерва ги повика пратениците на консултации, јавија бугарските медиуми.
Уште двајца министри во бугарската Влада денеска поднесоа оставки.
Шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска и министерот за енергетика Александар Николов поднесоа барања за напуштање на кабинетот. Тоа е резултат на одлуката на бугарската партија „Има таков народ“ да стави крај на владејачката коалиција и да го напушти кабинетот.
Извор: МИА