Бугарскиот Парламент по 32 дена летна пауза започна со работа, а истовремено пред зградата се собраа над илјада демонстранти кои бараат оставка на актуелната Влада на премиерот Пламен Орешарски.
Полицијата презеде зајакнати безбедносни мерки и испрати придружба за дипломатските возила со кои пратениците пристигнале до Парламентот, јавува Анадолија.
Насобраните антивладини демонстранти се организирале преку социјалните мрежи. Поради протестите бил блокиран и сообраќајот.
Демонстрантите во знак на протест пред Парламентот поставиле „црвен килим за пратениците“, извикувајќи „оставка“ и „мафија“.
Антивладиниот собир го поддржа и лидерот на главната опозициска партија Граѓани за европски развој Бојко Борисов, кој им се обрати на присутните демонстранти и ги мотивира да продолжат со протестите.
Истовремено, од другата страна на зградата на Парламентот се собрале демонстранти кои ја поддржуваат Владата на Орешарски.