„Потами“ нема да влезе во влада на „анти-европеисти“ изјави лидерот на партијата, Ставрос Теодоракис на прес-конференцијата која беше емитувана во живо на неколку национални телевизии, јави дописникот на МИА од Атина.
Тој истакна дека, почнувајќи од понеделник, мора да има „чесен предлог за грчкиот народ“ и оти „Потами“ е подготвена „длабоко да зачекори“ во смисла на правење промени и преговори со кредиторите на Грција.
– Ние сме должни да одиме до втората рамка и одговорно да разговараме за иднината на земјата, додаде Теодоракис.
Според него, политичката програма на Сириза, која лидерот на најголемата опозициска партија Алексис Ципрас ја претстави во Солун минатиот септември, е „листа на желби“. Теодоракис исто така рече дека од Сириза излегуваат контрадикторни пораки, и тоа е проблем кој партијата мора веднаш да го реши.