Портпаролот на кипарската Влада, Никос Христодулидис изрази жалење поради прекинот на преговорите за повторно обединување на Кипар, водени под покровителство на Обединетите нации, јави агенцијата АНА-МПА.
Поводот за прекин на преговорите беше полемиката околу законот, усвоен минатата недела од кипарскиот Парламент, што доведе до затегнување на односите меѓу двете заедници на островот.
Христодулидис изјави дека Акинџи планирал да се повлече од преговорите и тоа се гледало уште од неговите изјави пред вчерашната средба со кипарскиот претседател Никос Анастасиадис.
Акинџи изјави дека единственото прашање за кое треба да дискутираат е решението на кипарскиот Парламент во училиштата задолжително да се одбележува годишнината од референдумот во јануари 1950 година, на кој кипарските Грци масовно се огласија во корист на обединувањето со Грција.
Портпаролот на кипарската Влада изрази надеж дека Акинџи ќе присуствува на средбата планирана следниот четврток со кипарскиот претседател, нагласувајќи дека продолжувањето на преговорите за островот зависи од кипарската турска страна.
Кипарските преговори беа активирани изминатите недели со оглед на повторното обединување на островот, иако на нив не беше забележан значителен напредок.