Поранешниот министер за животна средина и просторно планирање, Оливер Дулиќ, кого полицијата не успеа да го уапси, бидејќи се прозва на пратеничкиот имунитет, оцени дека против него се води политички лов на вештерки, се откажа од пратеничкиот имунитет и рече дека ќе се пријави во полиција.
Дулиќ на прес конференција во националното собрание рече дека повеќе нема да се повикува на имунитетот и дека тоа го направил во утринските часови, со цел да има време на медиумите и на јавноста да им покаже дека против него се води политички лов на вештерки.
Никогаш не сум го прекршил законот и тоа ќе го докажам. Тоа што се случува денес е крајот на еден процес кој започна пред еден месец ,јас да се тркалам во калта, а власта на еден од поранешните министри од Демократската партија да покаже дека е подготвена да ја искорени корупцијата, изјави за новинарите Дулиќ.
Дулиќ порано е доведен во врска со аферата за издавање дозволи на словенечката фирма Нуба Инвест за поставување на оптички кабел на трасите на државните патишта од Белград до границите со хрватска, Унгарија, Романија, Бугарија и Македонија.
Очигледно се работи за политички прогон, затоа што веќе месец дена сум сотонизиран преку два таблоидни медиуми контролирани од страна на Владата со цел да го подготви теренот за моето апсење, рече Дулиќ.
Поради истрагата во овој случај во саботата беа уапсени, Небојша Јањиќ, поранешен помошник на Дулиќ и Зоран Дробњак, директор на ЈП Патишта на Србија за време на мандатот на Дулиќ.