Поранешниот градоначалник на Солун, Василис Папагеоргопулос, осуден за проневера на 17,9 милиони евра од касата на општината, вчера е ослободен од затвор, откако одлежа 881 ден од неговата 12-годишна затворска казна, јави дописникот на МИА од Атина.
Поранешниот градоначалник ги искористи поволните одредби од законот, усвоен од страна на актуелната власт за растоварување на грчките затвори и за заштита на лицата со посебни потреби, кои предвремено се ослободуваат.
Судот за прекршоци на Солун донесе одлука за негово ослободување, под услов тој да остане во земјата, постапувајќи по препорака на првостепениот обвинител Александра Андреу во врска со петицијата за ослободување на поранешниот градоначалник со образложение дека тој има „67 проценти посебни потреби поради проблеми со срцето“.
Според потврдата издадена од центарот за утврдување инвалидитет, тој бил на границата од 67 отсто, со дополнителни еден процент, кој му е додаден поради психолошки проблеми и неможноста да се прилагоди на условите во затворот.
Во изјавата по излегувањето од затворот, Папагеоргопулос повтори дека е невин и изрази уверување дека „грчката правда наскоро ќе го исчисти неговото име“.
Сепак, поранешниот солунски градоначалник наскоро повторно ќе мора на суд, за да одговара за други обвиненија за корупција за време на неговиот мандат.