Кипарски суд денеска го прогласи поранешниот министер за одбрана Костас Папакостас за виновен за смртта на 13 лица, кои загинаа во експлозија на муниција во воено поморската база на Кипар во 2011 година.
На 11 јули 2011 година во базата крај Лимасол експлодираа 98 контејнери со боева муниција, кои беа конфискувани во 2009 година од брод што пловел под кипарско знаме од Иран кон Сирија, со образложение дека го крши ембаргото на ОН кон Иран.
Над две години муницијата била чувана под отворено небо на температура од 40 степени. При експлозијата загинаа 13 лица и беше оштетена најголемата електроцентрала на островот.
Според Судот, тогашниот министер за одбрана Папакостас бил директно одговорен за чувањето на конфискуваниот товар.
Тогашниот министер за надворешни работи Маркос Кипријану, кој, исто така, беше обвинет во овој случај за предизвикување на смрт од небрежност, денеска беше ослободен од обвинението.