Грчката коалициска Влада побара да се спроведе истрага за поранешниот министер за финансии Јоргос Папаконстантину и тој да биде изведен пред суд поради фалсификување јавен документ и неисполнување на службени должности.
Папаконстантину, кој беше дел од владата на социјалистите на ПАСОК, е осомничен дека ги извадил имињата на тројца свои роднини од „Лагард листата“, јави дописникот на МИА од Атина.
Грчките власти го добија најновиот список минатата недела, откако се појавија сомнежи дека претходната листа, која тогашната француска министерка за финансии Кристин Лагард му ја дала на нејзиниот колега Папаконстантину, била преправана. Списокот содржи имиња на Грци кои имаат сметки во филијалата на ХСБЦ банката во Женева и ќе бидат под истрага за евентуално затајување данок.
На Папаконстантину му се заканува казна затвор во траење од 10 години. ПАСОК го поддржа предлогот за покренување обвинение против него и веќе го исклучи од партијата.