Голем број Срби во Црна Гора, како и лидерите на српските партии, се револтирани од најавата на премиерот на таа земја, Милојко Спајиќ (за кој велат дека дојде на власт благодарение на српските гласови) дека неговата влада ќе гласа за резолуцијата за Сребреница во ОН, која според нив, ги означува сите Срби како геноцидни.
Со гласањето за резолуцијата за Сребреница во Генералното собрание на Обединетите нации, Црна Гора, како што потсетуваат просрпските медиуми во таа земја, по трет пат ќе придонесе српскиот народ да се означи како геноциден.
„Првиот пат тоа го направи криминогениот режим на ДПС под диригентската палка на добротворот на „Мајките од Сребреница“ Мило Ѓукановиќ, вториот пат, летото 2021 година, од владата на Здравко Кривокапиќ со соработка на демократите и целата опозицијата предводена од ДПС и сега, кога владата на Црна Гора Гора одлучи да ја поддржи резолуцијата предложена од Германија и Руанда пред ОН“.
На социјалните мрежи, од вчера кога Спајиќ изјави дека нема да има проблем да ја поддржи резолуцијата за која, како што наведе, ќе гласаат сите големи сили, се шират апели српскиот народ да стане и да се обиде да го спречи овој срам со бунт. Организирањето е веќе започнато, а на отпор повика и порталот IN4S.
– IN4S упатува јавен повик за итна обединета и силна акција на сите српски јавни субјекти, од медиумите, преку невладините здруженија до политичките партии и коалициите, со цел да се осуети намерата на извршната власт во Црна Гора да го поддржи предлогот на резолуцијата под уцена на центрите за моќ во Обединетите нации Меѓународен ден на размислување и комеморација на геноцидот во Сребреница 1995 година“. Должни сме да го кренеме гласот против обидите за искривување на вистината за настаните од минатото и да ги замениме тезите кои имаат за цел да ги етикетираат најголемите жртви на ослободителните борби како џелати и угнетувачи – стои во повикот, кој, судејќи по објавите на социјалните мрежи, е прифатен од голем број граѓани.
Лидерите на Демократската народна партија, Вистинска Црна Гора и Слободна Црна Гора, Милан Кнежевиќ, Марко Милачиќ и Владислав Дајковиќ изјавија дека гласањето на владата на Црна Гора за оваа резолуција во ОН може да има значително политичко и дипломатско влијание и далекосежна негативна последици, пред се за српскиот народ во Црна Гора.
– Но и значително ги нарушуваат односите со нашата најблиска Србија, српскиот народ во Србија и Република Српска доколку Црна Гора одлучи да ја поддржи оваа резолуција во Обединетите нации. Затоа, ги повикуваме премиерот Милојко Спајиќ и владата на Црна Гора сериозно да размислат за стабилност и спречување на дополнителна поларизација во црногорското општество и да се воздржат од гласање за резолуцијата – се наведува во соопштението.
Како што рекоа, без разлика што Црна Гора е мала земја, ставот, одлуката и гласот на владата на Црна Гора далеку ја надминуваат големината и меѓународната важност на Црна Гора во овој случај.
– Со оглед на тоа што повеќе од една третина од населението во Црна Гора се Срби, а фактот што наш најблизок сосед е Србија, која во суштина е цел на оваа резолуција, како и целиот српски народ, веќе е јасно дека оваа резолуција не е придонес за регионалната стабилност и помирување, туку напротив, долевање масло на огнот во многу чувствителен момент, и регионално и геополитички. Како мултиетничка држава, Црна Гора треба и мора да ја цени важноста за постигнување национален консензус за чувствителните прашања како што се настаните во Сребреница, но носењето еднострани одлуки без широка поддршка од различни партии ќе доведе до дополнителна поларизација и поделба во општеството, што остро се спротивставуваме – изјавија тие.