Со говори на известувачите од партиите и во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, попладнево во Парламентот на Грција започнува петдневната расправа за буџетот за 2023 година, гласањето на пратениците е закажано за сабота, јави дописничката на МИА од Атина.
Дискусијата во Парламентот се очекува да кулминира в сабота пред гласањето, кога ќе се обратат лидерите на сите политички партии, а државниот буџет ќе биде ставен на гласање, најдоцна до полноќ истиот ден.
Буџетот доби зелено светло од надлежната парламентарна комисија за економски прашања, а самото гласање во Парлалементот, традиционално, секоја година се смета како глас за доверба на Владата.
Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на вчерашниот редовен брифинг со новинарите рече дека е прв буџет што е вон рамките на меморандумски или засилен надзор, но и дека „го констатира стабилниот развоен тек на земјата, кој се проценува дека е три пати поголем од просекот во еврозоната и ја нагласува потребата за конзистентност, континуитет и стабилност“.
-Се карактеризира со фискална одговорност, развојно таргетирање, но и социјална чувствителност, истакна Иконому.
Буџетот предвидува 9,7 отсто инфлација за 2022 и пет проценти за 2023 година, ритам на раст 5,6 отсто во 2022 и 1,8 проценти во 2023 година, стапката на невработеност се очекува дополнително да се намали на 12,7 отсто, наспроти 13,9 проценти предвидени во Програмата за стабилност и 14,2 отсто во Буџетот за 2022 година, а во однос на фискалниот резултат, предвидува дефицит од 1,6 отсто од БДП за 2022 година, а следната година земјата ќе се врати на примарен суфицит од 0,7 проценти од БДП.
Дополнително предвидува и следната година да се спроведат мерките што беа воведени годинава, како што се субвенции на сметките за струја; намалено ДДВ на безалкохолни пијалоци, на билети за кино, театар и концерти, на фитнес центри, туристички пакети, како и превоз на патници; продолжување на породилниот додаток во приватниот сектор од шест на девет месеци; зголемен станбен додаток за поддршка на студентите; обезбедување стимулации за продолжување на туристичката сезона и во текот на зимската сезона итн.
Извор: МИА