Лидерите на Западнобалканската шесторка попладнево одржаа видеосамит организиран од вашингтонскиот Атлантски совет, фокусиран на конкретни чекори за подобрување на регионалната економска соработка и привлекување странски инвестиции.
На самитот присуствуваа претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, албанскиот премиер Еди Рама, српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Авдулах Хоти, претседавачот со Советот на министри на БиХ Зоран Тегелтија и црногорската министерка за економија Драгица Секулиќ.
Претседателот Пендаровски во своето обраќање истакна дека Северна Македонија во целост ги поддржува предлозите за регионална соработка и во таа насока посочи дека економската агенда треба да има приоритет пред политичките или безбедносните прашања, кои долго време беа предмет на дискусија во регионот. Тој додаде дека новите инцијативи е потребно да бидат комплементарни со постоечките и да се во тесна врска со институционалните рамки за соработка во Европската Унија. Исто така, претседателот истакна дека не смееме да дозволиме европската интеграција да остане далечна, затоа што ситуација кога нема напредок на европскиот пат не е поволна за развојот на Балканот.
На самитот учествуваа и претставници на ЕУ, САД и меѓународната заедница. Средбата ја отвори Дејмон Вилсон од Атлантскиот совет.
Според организаторите, оваа средба се очекува да придонесе за економско закрепнување на регионот по пандемијата на коронавирусот. зш