Пејачот на групата Парни Ваљак, Аки Ракимовски почина на 66-годишна возраст. Веста за смртта беше објавена и на официјалната страна на Парни Ваљак на социјалните мрежи, а истото го потврди и неговиот менаџер Дамир Осредечки.
„Утрово му се слоши, заврши во болницата во Ново Место. Пред еден час ми рекоа дека починал, причината за смртта се уште не ја знаеме“, рече тој, а пренесе Вечерњи лист.
Ракимовски е роден на 5 јуни 1955 година во Ниш, но набрзо со семејството се преселил во Скопје. Бидејќи неговиот татко бил професор по музика, на седумгодишна возраст започнал музичко училиште, клавир и отсек за пеење.
Како тинејџер, бил член на неколку бендови. Во 1975 година се запознава со гитаристот и композитор Хусеин Хасанефендиќ – Хусо и Јурица Паѓен. Истата година во соработка со менаџерот Владимир Михаљек Миха ја основаат првата постава на Парни Ваљак.
Во својата 30-годишна кариера, Парни Ваљак има издадено 16 студиски албуми, 14 синглови, 5 албуми во живо, 4 компилации и 2 концертни ДВД.
Пејачот пред три години преживеа послаб мозочен удар.
Рахимовски во 2020 година стана татко по трет пат. Со 27 години помладата Словенка Барбара Весел ја доби ќерката Антонија.
Многу малку се знае за приватниот живот на Аки. Се оженил двапати, а од првиот брак го добил синот Кристијан, исто така познат музичар.
Вториот брак, со Ингрид, траел четириесет години. Заедно ја имаат ќерката Дина.
Ракимовски засекогаш ќе остане запаметен по песните „Јесен у мени“, „Све још мирише на њу“, „Доџи“, „Моја је пјесма лагана“, „Ухвати Ритам“…