Главната грчка опозициска партија, Коалицијата на радикалната левица (СИРИЗА) денеска официјално побара предвремени парламентарни избори во Грција, откако победи на вчерашното гласање за членови на Европскиот парламент.
СИРИЗА соопшти дека конзервативната Влада на земјата веќе нема легитимитет да ги применува реформите, поврзани со меѓународните кредитни договори.
Лидерот на партијата Алексис Ципрас денеска го посети претседателот Каролос Папуљас за да му ја упати молбата за „воспоставување на демократскиот ред во земјата“.
Ципрас ветува дека ќе ги укине кредитните договори, што Грција ја спасија од банкрот, но, исто така, на земјата и наметнаа и строги мерки за штедење.
При преброени 99 проценти од гласачките ливчиња СИРИЗА води со 26,6 проценти од гласовите, додека владејачката десноцентристичка Нова демократија освои 22,71 проценти.
Владата на Андонис Самарас, која е на средина од својот четиригодишен мандат, вчера ја исклучи можноста за предвремени избори.