Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ на денешната владина седница изјави дека пукањето на плоштадот Свети Марко, каде полицаец беше тешко ранет во понеделникот, има и елементи на терористички акт.
Веднаш по пукањето, Пленковиќ рече дека, според информациите што ги имал во тоа време, станува збор за „обид за тешко убиство и самоубиство“.
„Полицијата и Државното правобранителство ги утврдуваат околностите на злосторството, но мотивите и причините за ова дело треба да се отворат како тема. Според досегашните информации, актот има и елементи на терористички акт“, рече Пленковиќ.
Тој изјави дека го посетил ранетиот полицаец кој се чувствува добро и е во стабилна состојба.
„При балансирање на безбедносните мерки, ќе ја земеме во предвид културата на отвореност и пристапност на секој од нас и институциите. Во исто време, ќе се погрижиме и за заштитата“ , рече Пленковиќ.
Тој додаде дека новата безбедносна организација нема да пречи на претставниците на медиумите да известуваат за активностите на владата и нејзините членови.