Претседателот на хрватската Влада и ХДЗ, Андреј Пленковиќ, денеска изјави дека ХДЗ не е задоволна од резултатите од првиот круг на претседателските избори, на кои нивниот кандидат Драган Приморац освои 19,35 отсто од гласовите.
„Што се однесува до самите резултати, ХДЗ не е задоволна од нив бидејќи тие се нешто пониски од она што го дадоа анкетите за Приморац, додека резултатот на Милановиќ е повисок од она што го дадоа анкетите“, рече Пленковиќ по седницата на Претседателството на ХДЗ.
„Милановиќ доби голема поддршка во сите жупании, градови и општини, а победивме во 61 локална единица, што не е многу, особено во годината во која убедливо третпат победивме за хрватскиот Сабор“, додаде Пленковиќ и оцени дека имаше дисперзија на гласови од центарот кон десно, пренесува „Хина“.
Пленковиќ им порача на гласачите „треба добро да размислат ако сакаат да продолжат да имаат проруски претседател со проруски наратив во следните пет години, претседател кој не го честита Националниот ден, кој го прекршува Уставот, ги напаѓа Уставен суд и кој ништо не прави“.
Кампањата продолжува, вториот круг е нова игра, ќе му дадеме целосна поддршка на Драган Приморац, очекуваме повеќе медиумски простор и дека јавноста ќе може да го види целиот капацитет на Драган Приморац да стане претседател на Република Хрватска – изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.