ританскиот дипломат Ендрју Пејџ, координатор на Самитот ЕУ – Западен Балкан, што во јули ќе биде одржан во Лондон, изјави дека Велика Британија и по Брегзит ќе остане силно заинтересирана за стабилноста и економскиот напредок на Југоисточна Европа, потенцирајќи оти Лондон и понатаму сака да биде сигурен партнер на „европскиот проект“.
Тој во разговор за хрватската новинска агенција ХИНА се осврна и на „долготрајните политички спорови поради кои е успорен патот на некои земји кон ЕУ“.
Тој ја спомна грчката блокада за Македонија поради спорот за името. Пејџ истакна дека „тоа не е во фокусот на Берлинскиот процес, но оти во интерес на сите да се решат билатералните спорови“.
Пејџ наведе дека секој од тие спорови имаат своја динамика.
– Охрабрени сме од одреден напредок што е постигнат во разговорите помеѓу Македонија и Грција, сакаме да видиме дополнителен напредок… Ние како надворешен играч единствено можеме да направиме се за да ги охрабриме и за да посредуваме во решавањето, истакна Пејџ.
Тој додаде и дека исто важи и за случајот со Хрватска и Србија.
– Неодамна имаше многу важна посета на претседателот (на Србија, Александар) Вучиќ. Ние со голем интерес ја следевме посетата. Видовме дека е направен напредок во одредени подрачја, но има уште многу работа на долгата листа на отворени билатерални прашања помеѓу Хрватска и Србија. Гледаме одреден простор за охрабрување од самиот факт дека за тие прашања се разговара, наведе Пејџ.
Тој истакна и дека Велика Британија „ќе ги почитува обврските за ЕУФОР и за КФОР“.
– Да британската јавност гласаше за излегување од ЕУ и тоа ќе се случи во март 2019 година, но без оглед на фактот дека ќе ја напуштиме ЕУ и понатаму ќе бидеме членка на НАТО. Во случај на Западен Балкан одлучни сме да ги почитуваме сите обврски за ЕУФОР и за КФОР.
Пејџ во последните две недели престојуваше во Загреб, каде со хрватските претставници разговараше за подготовките на Самитот ЕУ – Западен Балкан. Тоа е петгодишен состанок на лидерите од земјите од Западен Балкан, кои се стремат за членство во ЕУ со претставниците на Унијата во рамките на Берлинскиот процес, кој во 2014 година го иницираше германската канцеларка Ангела Меркел, со цел да ги охрабри земјите од регионот во спроведувањето на реформите, како и да се покаже дека и покрај уморот од проширување и понатаму е отворена вратата на Унијата за сите земји кои ќе ги исполнат критериумите за членство.