Педесетгодишен сон за обединување на Кипар

Од:

Политика – Белград

Преговорите меѓу двете заедници – Грција и Турција – за повторно обединување на поделениот Кипар дојдоа до ќор-сокак од кој во моментов нема излез. Ова го потврди генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш по неуспешниот состанок во Женева, кој неодамна го организираше во формат „пет плус еден“ (делегации на двете етнички заедници од островот, земјите „гаранти“ на Кипар – Велика Британија, Грција и Турција, како и претставници на Светската организација, како медијатори).

Состанокот во Женева потврди дека во овој час „нема заедничка основа“ за продолжување на преговорите, рече Гутереш, пренесоа агенциите. Иако двете заедници не успеаја да најдат заеднички јазик, Светската организација сè уште не се откажува од изнаоѓање решение за повторно обединување на островот, иако шансите се мали, практично нула. Како што најави, генералниот секретар ќе се обиде да организира нов состанок „за два или три месеци“, иако „напорите за создавање федерација на Кипар се исцрпени“.

Повеќе нема дилема во Анкара и на северот на Кипар и тие дногласно велат дека повеќе нема да губат време во бесплодни преговори за создавање на заедничка држава.

„Меѓународната заедница повеќе не може да нè принудува да направиме нешто што не сакаме да го направиме. Досега изгубивме 50 години во залудни преговори и тоа е губење време. Ние сме за создавање на две независни држави“, рече Ерсин Татар, претседател на самопрогласената Турска Република Северен Кипар. Тој, всушност, ги повторува од буква до буква ставовите застапувани од официјални лица во Анкара.

Претседателот Реџеп Тајип Ердоган не очекува успех во продолжението на преговорите. „Не му верувам на јужен Кипар, тие никогаш не постапуваа чесно, изневеруваа. Сега преговорите се одложени за два или три месеци, но не верувам дека ќе се постигне резултат. Кога ќе постапат чесно, ќе видат искреност и од наша страна“, рече Ердоган.

„Ги повикуваме ООН да престанат со понатамошно тестирање на неуспешниот процес, кој досега не дал никакви резултати“, велат во еден глас Турците на островот, како и нивните постари браќа во Анадолија.

Претседателот на Република Кипар, Никос Анастасијадис, повторува дека неговата влада ги поддржува идеите на Обединетите нации за повторно обединување на островот врз основа на претходно донесените резолуции на Советот за безбедност.

„Предлогот на Турција за создавање две држави на Кипар е кршење на резолуциите на ООН, и во Никозија тој никогаш нема да биде прифатен. Нема шанси Анкара и турската страна на Кипар да успеат во тоа“, рече претседателот на Република Кипар, која е полноправна членка на ЕУ и ООН.

Владата во Никозија ја повикува меѓународната заедница, ООН и Европската унија да ги запрат едностраните потези на Турција, која бара ново разграничување во водите на источен Медитеран, во кои рамноправно би учествувала самопрогласената држава на северот на островот, која е признаена само од Анкара.

Јазот меѓу Грците и Турците уште повеќе се продлабочи по откривањето на резервите на нафта и гас во источниот Медитеран, односно во економската зона на Република Кипар. Во Анкара сметаат дека и тамошните Турци треба да учествуваат во дистрибуцијата на тоа природно богатство, иако е во спротивност со меѓународното поморско право, бидејќи тие немаат призната држава. Во Никозија нагласуваат дека ова богатство им припаѓа на сите жители на островот, но само кога сите ќе бидат припадници на иста држава (Република Кипар), која Турците не ја признаваат од воената интервенција на Анкара во 1974 година.

Преговорите за повторно обединување на Кипар, кои со одредени прекини, со децении се водат под покровителство на ООН, беа запрени пред три години. Пред создавањето на федерацијата, Никозија побара демилитаризација на островот и повлекување на повеќе од 30.000 војници од северот на Кипар, што енергично беше одбиено од страна на Анкара. Двете страни не можат да најдат заеднички јазик ниту кога станува збор за враќање на грчкиот имот што бил окупиран од Турците по 1974 година. Спорно е и некогашното елитно летно одморалиште Варош, каде Грците имаа десетици луксузни хотели, апартмани, станови и ресторани пред воената интервенција. Непризнатата турска влада неодамна делумно го отвори местото, кое со години наназад е „град на духови“, кој го чуваат турски војници. Ова предизвика критики во Никозија, Атина и ООН.

Судбината на Кипар е на крстосница. Аналитичарите проценуваат дека во новонастанатата ситуација најверојатно ќе се бара „некое друго решение“, можеби во создавање на лабава конфедерација, всушност две независни држави, кои ќе соработуваат меѓусебно на меѓународно ниво.

Би можело да ве интересира

Познат првиот натпреварувач на Евровизија идната година : Тео Еван ќе го претставува Кипар во Базел

Предраг Петровиќ

Кипар испраќа два авиона за справување со пожарите во Свети Николе и Чашка

Ердоган: Турција е подготвена да изгради воена база на Кипар, доколку е потребно

Ердоган: За Кипар не е можно федерално решение

Претседателот на Кипар: Нема друга опција освен обединување на островот

Инфлуенсер меѓу фаворитите за изборите за ЕУ ​​во Кипар: Никогаш не сум гласал, не знам ништо за ЕУ