Швајцарска фирма успешно продава на Срби, Хрвати и Црногорци по светот часовници со патриотски „детаљ“ во дизајнот, пишува денеска весникот „Блиц“.
За цена од 79 до 89 евра плус трошоци за испорака заинтересираните клиенти ќе можат да добијат еден од трите часовници, кои фирмата ги рекламира како „невидена убавина и апсолутен уникат“.
„Хрватскиот“ часовник е најпровокативен, затоа што го носи ликот на генералот Анте Готовина, кој неодамна беше ослободен од Хашкиот трибунал по обвиненија за воени злосторства против Срби во Хрватска. Околу портретот на Готовина има текст „Анте Готовина, херој на Татковинската војна“. Цената на часовникот е 79 евра.
На „српскиот“ часовник се наоѓа српскиот грб и натпис „Само слога Србите ги спасува“, а чини колку и хрватскиот, 79 евра, пишува весникот.
Сопственикот на фирмата, кој посака да остане анонимен, вели за „Блиц“ дека „црногорскиот“ часовник чини 89 евра, затоа што е со поголеми димензии.
– Тоа не се единствените часовници кои ќе ги правиме. Планираме и турски, босански, руски, курдски, полски…, вели тој.
Сопственикот почнал да се занимава со овој бизнис уште за време на војните во поранешна Југославија во 90-те години. – Имам корист од национализмот, вели швајцарскиот бизнисмен.