Опозициската конзервативна партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на поранешниот премиер Бојко Борисов денеска покрена иницијатива за изгласување недоверба на бугарската Владата, која веќе три месеци се соочува со антивладини протести.
Станува збор за прв предлог за изгласување недоверба на Владата на технократскиот премиер Пламен Орешарски, во која партиципираат Бугарската социјалистича партија (БСП) и партијата на бугарските Турци – Движењето за права и слободи (ДПС).
Како образложение за ваквото барање се наведува бавното планирање на инвестициите, кое опозицијата го оценува како „спречување на важни проекти и тендери“ и „предизвикување штета врз целиот сектор“.
Предлогот, кој треба да биде ставен на гласање на почетокот на следната недела, има мали шанси да ја добие поддршката на 121 од вкупно 240-те пратенци во Народното собрание.
ГЕРБ има 97 пратенички места во Парламентот, додека владејачкото мнозинство на социјалистите и ДПС – 120 пратеници, како и поддршка од 23-та претставници на националистичката партија Атака.