Коалициските партии на новата словенечка Влада што ќе ја предводи Роберт Голоб, синоќа ја договорија распределбата на министерските места во Кабинетот, како и текстот на коалицискиот договор што ќе биде парафиран штом ќе биде и формално усвоен од раководните партиски тела.
Идниот премиер Голоб, претседателката на Социјалдемократите, Тања Фајон и претседателот на партијата Левица, Лука Месец по неколкучасовни разговори потврдија дека новата Влада ќе биде составена од 19 министерства и владина Канцеларија за дијаспората.
Новиот Закон за владата ќе биде ставен на првата седница на новиот состав на Народно собрание.
Со Министерството за надворешни и европски работи ќе раководи претседателката на СД, Тања Фајон, која ќе биде и еден од вицепремиерите.
Во изјавата за новинарите по средбата, Фајон рече дека е за што поскоро влегување на Хрватска во Шенген-зоната, со тоа што смета дека истовремено тоа треба да ја вклучува и арбитражната пресуда по однос разграничувањето меѓу Словенија и Хрватска.
Извор: МИА