Парламентот на Војводина на денешната седница, која почна со минута молчење за настраданите во катастрофалните поплави во Србија, го усвои Статутот на автономната покраина Војводина со големо мнозинство гласови и без расправа за тој највисок правен акт на покраината.
Од присутните 113 пратеници, за новиот покраински Статут гласаа 91, против беа седумина, воздржани немаше, а останатите не гласаа. За усвојување на статутот беше потребно двотретинско мнозинство од вкупно 120 пратеници.
Пратениците во српскиот парламент пред два дена дадода претходна согласност на Предлогот на Статутот на Војводина, кој го дефинира Статутот како највисок правен акт на Војводина, кој мора да биде во согласност со Уставот. „За“ гласаа 186, против беа пет, воздржани двајца и не гласаа шест пратеници.
За време на расправата нагласено беше дека Војводина е неотуѓив дел на Србија, но и дека прашањето како автономијата на покраината се доживува во Србија „како закана, односно дали за неа навистина се залага или верува декларативно“.
Војводина е автономна територијална заедница на Србија, во која граѓаните остваруваат право на покраинска автономија, во согласност со Уставот и законот и е неодвоив дел од Србија, во која се негуваат европските принципи и вредности, наведено е во Членот 1 од Статутот.