Папата од Сараево упати апел за мир

Од:

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско денеска од Сараево упати апел за мир и надминување на бариерите меѓу различните религии и култури.

– Никогаш повеќе да нема војна, порача папата во обраќањето пред околу 65.000 лица присутни на сараевскиот стадион „Асим Ферхатовиќ Хасе“ на Кошево.

Како што јави Фена, папата нагласи дека тоа е уште еден повик од градот и земјата кои во не така далечно минато ги доживеаја стравотиите на страдањето, убиствата, прогонствата и разурнувањата.

– Да се создава мир е еден вид уметност. Блажени се оние што сеат мир со својата секојдневна работа. Токму тие ќе се нарекуваат синови Божји. Мирот е чин на правдата. Новиот завет не учи кој е совршениот чин на правдата: љуби го својот ближен како самиот себе. Вистинска праведност би била да се направи за некој човек или народ, се што би сакал да се прави за мене и за мојот народ, изјави папата Франциско.

Понтифот во обраќањето повика на простување, кое го нараче чувство кое им помага на луѓето да станат „уметници во создавањето на мирот“.

– Мирот е божји дар, но не во магиска смисла… Само доколку се помири со Бога, човек може да стане вистински миротворец, нагласи понтифот.

Поглаварот на Католичката црква се помоли за милост кон сите, за праведност и за создавање на мир, наместо војна и несогласување. – Единствено тоа не прави, среќни и блажени, нагласи папата.

Пред обраќањето на стадионот на Кошево, папата кој денеска престојува во 11-часовна државничка и пасторална посета на Босна и Херцеговина, имаше средба со претставниците на босанските власти во зградата на Претседателството на БиХ.

По средбата со членовите на Претседателството на БиХ, папата изјави дека Сараево, како и цела Босна и Херцеговина, имаат посебно значење за Европа и за целиот свет.

– Со векови на овие простори живеата заедници кои исповедаат различни религии и им припаѓаат на различни народи и култури. Тоа се народи богати со своите различности и горди на својата единстевна традиција, рече папата.

Претседавачот на Претседателството на БиХ, Младен Иваниќ, кој претходно го пречека папата на службена државна церемонија пред зградата на Претседателството, по средбата изјави дека БиХ е место на различни култури и заедници во кое народите делат иста историја.

– Во БиХ сакаме да изградиме една нова БиХ која ќе биде по мерка на човекот, истакна Иваниќ, изразувајќи надеж дека судирите и несогласувањата се минато и дека на граѓаните на земјата им претстои период на разбирање.

Папата Франциско претпладнево пристигна на аеродромот во Сараево, каде беше пречекан од членот на Претседателството на БиХ, Драган Човиќ, надбискупот врвбосански, кардиналот Винко Пуљиќ, апостолскиот нунциј Лујџи Пезути и од повеќе претставници на властите и армијата на БиХ.

На дочекот на аеродромот присуствуваа и 114 млади луѓе облечени во народни носии од сите делови на БиХ.

На патот кон главниот град на БиХ, за време во летот во авионот, папата изјави дека Сараево е Ерусалим на Западот.

– Сараево го нарекуваат Ерусалим на Западот. Тоа е град со различни етнички и верски култури. Тоа е град кој многу страдаше во историјата. Сега е на прекрасниот пат кон мирот. Ја правам оваа посета за за зборувам за тоа, за мирот и за молитвите за мир, изјави понтифот.

До крајот на престојот во Сараево папата Франциско треба да сретне со претставници на католичката, православната, муслиманската и еврејската верска заедница.

За безбедноста на папата за време на посетата на Сараево се ангажирани 10.000 припадници на безбедносните служби на БиХ и на жандармеријата на Ватикан. Главниот град на Босна и Херцеговина денеска практично е под опсада, а улиците по кои се движи папата се блокирани.

Посетата на папата се совпаѓа со 20-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор со кој беше ставен крај на војната во БиХ (1992-1995).

Ова е трета посета на еден папа на Сараево, по двете посети на Јован Павле Втори на БиХ во 1997 и 2003 година.

Би можело да ве интересира

Ватикан ги откри најновите информации за здравствената состојба на папата

Ана Ололовска

Папата им ги изми и бакна нозете на 12 млади затвореници

Ана Ололовска

Ватикан: Папата Франциско има тешка настинка

Ана Ололовска

Папата Франциск го осуди насилството во Израел и на Западниот Брег, повика на дијалог и потрага по мир

Ана Ололовска

Папата: Хомосексуалноста не е кривично дело, сите сме Божји деца

А1он

Италијанската премиерка во прва официјална посета на папата Франциск

Ана Ололовска