Група која себеси се нарекува „Организација нула толеранција“ ја презеде одговорноста за нападот на канцелариите на неофашистичката Златна зора во Пиреја минатиот месец.
Во „проглас“ објавен на Интернет групата ја нарекува Златна зора „неонацистичка банда на тепачи и убијци чија едниствена цел е да и им служи на државата и капиталот“.
Во врска со нападот на 13 февруари, групата тврди дека канцелариите на Златна зора биле „вистински центри на беззаконие“.
Во меѓувреме, пратеникот и портпарол на Златна Зора Илиас Касидиарис денеска ќе биде изведен пред суд во врска со нападот на студент во 2007 година. Касидиарис е обвинет дека бил дел од петчлена група што го нападна студентот, кој бил претепат, избоден со нож и му била украдена личната карта.
Сведок на настанот тврди дека напаѓачите избегале од местото на инцидентот со автомобил на портпаролот на Златна зора, но тој демантира дека е вмешан во нападот. Пратениците во грчкиот Парламент му го укинаа пратеничкиот имунитет на Касидиарис за да може да му се суди.