Крајнодесничарската партија „Златна зора“ продолжува да се радува на силната поддршка, со оглед на тоа дека според резултатите од првиот круг од локалните избори вчера во Грција, партијата освои меѓу пет и осум отсто и тие резултати се исти како и на парламентарните избори во јуни 2012 година, пишува весникот „Етнос“, нагласувајќи оти тоа претставува загрижувачки факт.
Весникот коментира дека ова се случува, откако властите во Грција презедоа масовна истрага против „Златна зора“, поради убиството во септември на музичар со левичарски убедувања, за кое беше обвинет приврзаник на партијата.
Повеќето од 18-те пратеници на „Златна зора“, меѓу кои и лидерот на партијата Никос Михалолиакос, кој се наоѓа во притвор, се обвинети за раководење на криминална организација, за што според грчките закони предвидена е пресуда до 20 години затвор.
Неодамна сепак Врховниот суд на Грција и дозволи крајнодесничарската партија да учествува во европските избори 25 мај, што се случи и покрај повиците таа формација да биде забранета.
Според анкетите „Златна зора“ е меѓу третото и петтото место на европските избори.