Околу 10 милиони Грци гласаат на европските и локалните избори

Од:

Од 7 часот утрово отворени се гласачките места низ Цела Грција на кои речиси 10 милиони граѓани гласаат на европските и локалните избори. Право на глас имаат 9 922 294 граѓани, 536 920 се нови гласачи, од кои 106 760 се на возраст од 17 години, кои оваа година на прв пат имаат право на глас, односно ќе гласаат и родените меѓу 1 јануари 2002 и 31 декември истата година.

Гласачките места ќе се затворат во 19 часот, а традиционално веднаш по затворањето медиумите во соработка со агенциите за рејтинг ќе објават предвидување на изборниот резултат, односно т.н exit polls, кои доста често го најавуваат победникот.

Првите официјални резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција, кое е и надлежно за пребројувањето на гласовите, се очекува да бидат соопштени околу 21.30 и ќе се однесуваат на Европските избори, јави дописничката на МИА од Атина.

Гласањето во Грција е задолжително за граѓаните, освен за оние кои што живеат во странство, се над 70годишна возраст или на денот на гласањето се наоѓаат на оддалеченост од над 200 километри од местото каде што гласаат.

На европските избори учествуваа 40 политички партии и коалиции, кои со свои кандидати ќе се борат место во Европскиот Парламент, во кој Грција учествува со 21 европратеник. Гласачите ќе можат да изберат најмногу четворица кандидати, а за партиите да добијат свој претставник во ЕП ќе треба да освојат минимум 3%.

На локалните избори, Грците ќе гласаат за: избор на регионални и општински власти, за избор на префект и членови на регионален совет, за избор на градоначалник и членови на градски совет и за избор на органите за управување со заедницата (советници на заедницата за заедници од над 300 жители или претседатели на заедници за заедници до 300 жители).

Доколку во првиот круг на локалните избори во општините и префектурите ниту една партија или коалиција не добие 50%+ 1 глас, тогаш на 2 јуни ќе се одржи втор круг.

На минатите евроизбори во мај 2014, вкупно седум партии имаа свои пратеници во ЕП. СИРИЗА беше победник со 26,57% и доби шест пратенички места во Европскиот парламент, зад неа беше Нова демократија со 22,72% и пет пратеници, а потоа следеа Златна зора со три, коалицијата на ПАСОК, Река и Комунистичката партија со по две пратенички места и Независни Грци со еден пратеник.

Со одлука на министерот за транспорт и врски на Грција, Христос Спирѕис, за да се олесни гласањето на граѓаните, денес се отворни патарините на најголемите автопати во земјата, односно возилата ќе поминуваат без да платат.

А за полесно да стигнат на гласачките места, на Грците во Солун и Атина ќе им стојат на располагање, бесплатно и електрични тротинети, што е дел од кампањата во цела Европа на компанијата во чија сопственост се електричните тротинети за изнајмување.

Во салата за конференции Запио во центарот на Атина од 9 часот ќе работи и прес центар за следење на изборниот процес за сите акредитирани домашни и странски новинари.

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос ќе гласа во 10 часот во основно училиште во населбата каде што живее во северниот дел на Атина. Грчкиот премиер Алексис Ципрас, правото на глас ќе го оствари половина час подоцна, во 10.30 во неговата населба, а во исто време, но на друга локација ќе гласа и лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.

Во текот на вчерашниот ден, традиционално како и секогаш кога има избори во Грција, ден претходно, лидерите на политичките партии, саботното претпладне го поминуваат во опуштена атмосфера со грчките новинари, далеку од политиката.

Ципрас одбра грчките новинари да ги почести узо во таверна со морска храна, Мицотакис во бар ресторан, слична беше идејата и на Генимата, а Каменос на новинарите им подготвуваше коктели и шотови, јави дописничката на МИА од Атина.

Би можело да ве интересира

Последиците од договорите со Грција и Бугарија се евидентни и сѐ уште не им се гледа крајот, вели Попов

Грчката Сириза избра нов лидер: Сократис Фамелос на чело на поранешната владејачка партија

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

Филипче: Ние сме подготвени за избори, ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно

Два од земјотресите во Грција почувствувани во Гевгелија, Струмица, Велес, Скопје, Битола и Кавадарци

Катерина Ѓуровски