Обвинителството на Босна и Херцеговина во средата побара Судот на Босна и Херцеговина да му изрече затворска казна и десетгодишна забрана за вршење политичка функција во таа земја на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик.
Во завршниот збор по доказната постапка која траеше една година, обвинителот Недим Ќосиќ на рочиштето во средата во Судот на Босна и Херцеговина во Сараево оцени дека наводите во обвинението, со кое обвинетите се товарат за непочитување на одлуките на високиот претставник за Босна и Херцеговина, се докажани надвор од сомнежот.
За ова кривично дело, покрај Додик, обвинет е и директорот на Службен весник на Република Српска, Милош Лукиќ.
Обвинителот Ќосиќ смета дека јасно е докажано дека и двајцата се виновни и дека постапиле со умисла и уште еднаш јавно се пофалија дека ги прекршиле одлуките на високиот претставник.
– Додик и Лукиќ ова кривично дело го извршиле со директно умисла – рече Ќосиќ.
Затоа, тој му предложи на судот да ги прогласи Додик и Лукиќ за виновни и да ги осуди на казни затвор.
Тој, исто така, бара судот да изрече дополнителна мерка за забрана на Додик да ја извршува функцијата претседател на Република Српска и дополнително да му забрани да извршува изборна функција во БиХ во период од десет години.
Тој предложи Лукиќ да биде сменет од функцијата директор на Службен весник.