Обновени преговорите за обединување на Кипар

Од:

Преговорите за обединување на Кипар, под покровителство на Обединетите нации беа обновени денеска по осуммесечен застој.

Лидерите на кипарските Грци и Турци се договорија да усвојат мерки за изградба на доверба како нов обид за решавање на деценискиот спор околу кипарското прашање.

Кипарскиот претседател Никос Анастасиадис и новоизбраниот лидер на кипарските Турци, Мустафа Акинџи се сретнаа во одмаралиште во Никозија.

– Анастасиадис и Акинџи ја споделија заедничката визија за обединување на Кипар, изјави специјалниот пратеник на Обединетите нации Еспен Барт Аиде пред новинарите по завршувањето на средбата, која траеше околу четири часа.

Аиде истакна дека двајцата лидери покажале добра волја за постигнување на сеопфатно решение.

Тој рече дека двајцата лидери разговарале за заедничката визија за Кипар, обединет во федерална структура и се договорите да се сретнуваат најмалку два пати месечно.

Аиде посочи дека Анастасиадис ги изнел координатите на 28 мински полиња, поставени од кипарските Грци во 1974 година, кои сега се наоѓаат на турскиот дел од островот.

Како знак на добра волја властите на кипарските Турци повеќе нема да бараат од кипарските Грци да пополнуваат формулари на контролните пунктови кон Северен Кипар.

Илјадници лица поминуваат секој ден преку седумте контролни пунктови на островот. Укинувањето на визите се очекува да ги намали колоните на пунктовите.

Специјалниот пратеник на ОН изјави дека двајцата лидери се договориле за создавање на комисија за организирање на културни манифестации.

– Преговорите минаа во мошне позитивна атмосфера и верувам дека доколку работиме на овој начин, ќе може да се надеваме на напредок, изјави Анастасиадис по средбата.

Тој изјави дека други мерки за изградба на довербата ќе бидат објавени на 28 мај, кога повторно ќе се сретне со Акинџи.

Двајцата лидери повторно ќе се сретнат на 23 мај, со цел да покажат единство за постигнување на взаемно прифатлива мировна спогодба.

– Го посакува она што е добро за двете заедници, напиша Акинџи на Твитер по средбата.

Анастасиадис и Акинџи на 11 мај се договорија на трилатерална средба со специјалниот пратеник на ОН Аиде да ги обноват преговорите.

Победата на Акинџи на претседателските избори во април во Турската Република Северен Кипар, која е призната само од Турција, даде надеж за нов поттик во преговорачкиот процес, што беше замрзнат во октомври минатата година.

Кипар е поделен од 1974 година, кога Турција го окупира северниот дел од островот по државниот преврат, подготвен од кипарските грчки националисти, поддржани од Атина, што имаше за цел земјата да ја присоедини кон Грција. Во 1983 година беше прогласена Севернокипарската турска република.

Би можело да ве интересира

Познат првиот натпреварувач на Евровизија идната година : Тео Еван ќе го претставува Кипар во Базел

Предраг Петровиќ

Кипар испраќа два авиона за справување со пожарите во Свети Николе и Чашка

Ердоган: Турција е подготвена да изгради воена база на Кипар, доколку е потребно

Ердоган: За Кипар не е можно федерално решение

Претседателот на Кипар: Нема друга опција освен обединување на островот

Инфлуенсер меѓу фаворитите за изборите за ЕУ ​​во Кипар: Никогаш не сум гласал, не знам ништо за ЕУ