Црногорецот Радоје Звицер, водачот на озлогласениот кавачки клан, се појави на листата најбарани бегалци во Европа, откако Австрија распиша потерница по него.
На страницата eumostwanted.eu беше објавено дека Звицер се бара за шверц на дрога и психоактивни супстанци. Има и предупредување дека се работи за многу опасно лице кое најверојатно е вооружено.
„Радоје Звицер е осомничен дека во Австрија увезол 83 килограми кокаин (чистота 60,9%) од други земји како водечки член на криминална организација. Се сомничи дека заедно со сорабониците учествувал во организирањето на шверцерскиот синџир. Ја организирал доставата на наркотици кои се продавале во Виена на негово име“, се вели во налогот за апсење.
Заедно со неколку различни фотографии, наведен е описот на Звицер, кој наведува дека е мускулест белец со атлетска градба, сини очи и кафена коса. Исто така, беше прецизирано дека на горниот дел од телото има повеќе хируршки лузни, од рани предизвикани од огнено оружје.
Објавени се и познатите лажни идентитети на Звицер кои ги користел. Тоа се Јосип Бабиќ роден на 06.02.1979 година во Германија, Драган Гојковиќ роден на 08.09.1977 година во Беране, Црна Гора, Давид Грепо, роден на 02.03.1983 година и Ференц Кароли, роден на 31 март 1975 година.
Звичер е водач на организираната криминалната организација Кавачки клан, која од 2014 година војува со „Скалјарци“. Конфликтот и поделбата настанала поради пратка кокаин која исчезнала од стан во Валенсија, а од тогаш во војната меѓу овие два клана убиени се повеќе од 60 луѓе, пишува Блиц.
Звицер беше застрелан пред четири години сред бел ден додека џогирал во близина на неговиот стан во Киев. Двајца вооружени напаѓачи испукале десетина истрели, од кои пет го погодиле. Сопругата на Звицер, Тамара, која истрчала од станот и пукала во нив, ги спречила напаѓачите од нивниот план.