Ново невреме во Грција – тешка ситуација во Волос и Евија

Од:

Грција ја зафати ново невреме, а денеска најтешка е состојбата во областа на градот Волос и островот Евија, каде патиштата се блокирани, а најголемиот дел од населението е без струја.

Обилните врнежи донесени вчера од бурата Елиас го погодија северниот дел на Евија, грчки остров кој беше силно загрозен од шумски пожари во 2021 година, како и регионот Тесалија што беше погоден од бурата Даниел претходно овој месец.

Голем дел од градот Волос повторно е под вода и кал, пожарникарите и војската ги евакуираа луѓето од куќите и автомобилите, а жителите повторно се без струја.

Утрово во шест часот во Волос повторно почна да врне дожд што претходниот ден предизвика порои и поплави во централниот дел на Грција.

Според претставниците на противпожарната служба, во неколку делови на Волос водата достигнува висина од 50 сантиметри, пренесува Катимерини.

Патиштата во оваа област се покриени со тони камења и кал, а областа е непрепознатлива.

Дел од населението мораше да ги напушти домовите, а многу возила беа однесени од поплавата.

Припадниците на грчката армија ги ослободиле патниците кои девет часа биле заглавени во нивните возила додека чекале помош, јавува ЕРТ.

Водата рано утринава се повлекла на повеќе места, па многу патишта се отворени, но многу се уште непристапни.

Поради ситуацијата која настана во Волос по новото невреме, градоначалникот Ахилес Беос рано изутрината излезе да ја провери состојбата на улиците.

„Тажен сум, немам сила да зборувам, тоа е ситуација која не можам да ви ја опишам“, изјави градоначалникот на новинарите на телевизијата ЕРТ.

Опишувајќи го она што Волос го доживеа во средата навечер, тој рече дека „животите се загрозени“.

Кога станува збор за снабдувањето со електрична енергија, тој рече дека 70 до 80 отсто од Волос нема струја, додека проблем има и со водоснабдувањето.

Во локалниот Оперативен центар на Противпожарната единица од вчера до денеска во 7 часот утрово се примени вкупно 1.200 повици.

Тешка е ситуацијата и во Евија, каде утринава е одлучено, по налог на градоначалникот, да се забрани сообраќај на поширокото подрачје на Асмини, Пефки, Артемисио и Гувес, поради развој на опасни временски услови.

Последните неколку часа беше многу тешко во Истија и околината, каде што пожарникарите мораа да интервенираат во спасувачка акција за ослободување на мајка и мало дете во Асмини кои беа опколени со вода.

Движењето на противпожарната бригада од центарот на Халкида кон северна Евија не е возможно, бидејќи патиштата се непроодни, а градежните машини работеа цела ноќ за да минат спасувачките екипи.

Според метеоролозите, грчките региони кои денеска може да очекуваат обилни дождови и силно невреме ги вклучуваат префектурата Атика и градот Атина, а локално обилни дождови и невреме се предвидуваат до пладне во околината на Волос, Споради и Евија, во областите на Фтиотида, Фокида и Беотија.

Би можело да ве интересира

Гужва за влез во Грција: На Богородица се чека по еден час

А1он

Двајца Македонци осудени на по пет години затвор во Грција, внесувале фалсификувани лични документи

Грција воведува шестдневна работна недела

ВИДЕО: Уапсени двајца Срби, поранешни членови на „Пинк Пантер“ – оргабувале златарници во Атина

(ВИДЕО) Големи поплави во Кина, повеќе од 50.000 луѓе се раселени

Горан Наумовски

Земјотрес го погоди денеска грчкиот остров Самос