Претседателот на Србија, Томислав Николиќ ја отфрли вечерва можноста како појдовна основа за идниот дијалог на високо ниво со Приштина да биде спогодбата за добрососедски односи.
Пред состанокот со високата претставничка на ЕУ, Кетрин Ештон, Николиќ рече дека тој „нема да биде соговорник на таа тема“.
„Госпоѓата Ештон знае дека кај мене нема да најде добар соговорник за добри односи со Косово како држава. Таа во мене може да најде соговорник за добар живот на Косово, за мир и безбедност, за инвестиции, но не за тоа еден ден да бидеме добри соседи и мислам дека граѓаните на Србија тоа добро го знаат и поради тоа ме избраа за претседател“, рече Николиќ.
Тој во јавувањето од Њујорк вечерва, ја отфрли можноста да седне на иста маса со Хашим Тачи, поради сомнежот дека учествувал во злосторства против Србите.
„Покрај тоа, битно е да преговара некој што ќе ја има довербата на Албанците и кој ќе биде подготвен на компромис, бидејќи едностраното решение повеќе не постои“, рече Николиќ.
Тој кажа дека не може да биде претседател во Приштина, но и дека претседателот на Косово не може ништо да одлучи за северот на земјата.
Српскиот претседател во разговорот со генералниот секретар на НАТО, Андерс фог Расмусен му укажал дека меѓународните сили на Косово мора да се однесуваат неутрално и му понудил секаква воена помош за решавање на безбедносните прашања. Генералнииот секретар на НАТО рекол дека алијансата ја почитува резолуцијата 1244 на Советот за безбедност и меѓународните документи.