Итно формирање на влада за да се отвори ново поглавје во разговорите за Косово, побара синоќа во ТВ интервју, српскиот претседател Томислав Николиќ .
„Нема да има преговори за приклучување на земјата во Европската унија, се додека не се исполнат барањата на Унијата во однос на Косово“, изјави Николиќ.
Николиќ во емисијата „Впечаток на неделата“ на Б92 , рече, дека шефот на словачката дипломатија Мирослав Лајчак му пренел, дека Србија не може да биде премногу оптимистичка за преговори на есен, бидејќи тие добро знаат дека Србија не може да исполни некои услови.
Тој, одговарајќи на прашањето дали тие услови се отварање на канцеларија на Приштина во Белград и обратно, нагласи дека Лајчак не инсистирал премногу на канцелариите, но говорел за паралелните институции и оти треба целосно да се спроведе се што досега е договорено.
Претседателот на Србија наведе дека поради тоа инсистирал да се дознае се што е договорено и повтори дека разговорите треба да се подигнат на повиско ниво.
„Уставот вели дека тоа е ниво на премиер, но Уставот исто така вели дека владата може да го овласти претседателот на Републиката“, рече Николиќ и додаде дека би ја прифатил таа задача, доколку добие овластување од владата.
Според него тоа во ниту еден случај не би било признавање на независноста на Косово.
„Борбата против корупцијата е приоритет и нема да бидат заштитени ниту членовите на новата влада, доколку претходно го прекршиле законот“, изјави Николиќ.