До договор меѓу Српската православна црква (СПЦ) и Македонската православна црква МПЦ) може да дојде доколку во решавањето на проблемот се вклучат двете држави, изјави српскиот претседател Томислав Николиќ.
– Отворените разговори на двете држави можат да влијаат да се дојде до најбезболното решение на проблемот меѓу двете цркви – рече Николиќ во интервјуто за „Сител“.
Тој изјави дека „Јас предлагам да седнеме да разговараме: Каков е односот на Македонија кон Српската православна црква и каков е односот на Српската православна црква кон Македонија. За тоа што е Македонската православна црква и како може да го постигне она што го сака. Јас ви велам дека можам сето тоа да го завршам, ако сакаат да разговараат со мене и да ја „спуштат топката“, а ако не сакаат, тогаш тој проблем никогаш нема да биде решен”, вели Николиќ во дел од интервјуто објавен на интернет.
Македонија не умееше да го реши тој проблем, можеби немала соговорник во Србија, вели Николиќ.
– Денес има соговорник во Србија со кој тој проблем може да го реши и тој соговорник сум јас. Доволно ја почитувам Српската православна црква и доволно ме почитуваат луѓето во Српската православна црква за да можеме тој проблем да го решиме – рече Николиќ.