Нина Боровиќ Кобиљски, мајката на Е.К., девојче убиено во масакрот на 3-ти мај во ОУ „Владислав Рибникар“, со потресни зборови им се обрати на родителите на момчето кое ја уби нивната ќерка и уште осум соученици, како и на чувар на училиштето.
Во писмото насловено „До родителите на едно нелекувано момче“, таа изнесува низа досега непознати детали за животите на децата од одделението VII2 пред масакрот.
Писмото на Нина Боровиќ Кобиљски го пренесуваме во целост:
Порака до родителите на нелекуваното момче: Ако некогаш дојдете да не барате и сакате да ни кажете „Прости ни, не знаевме подобро и многу ни е жал…“
Знаете, ние повеќе не веруваме во световна правда… Но, се трудиме да продолжиме да веруваме во човечноста и вистината…
Верувам дека добро ви е познато дека нашиот клас VII2 беше исклучителен клас, не затоа што беше составен од одлични ученици, туку затоа што беа добри деца и добри пријатели еден на друг. Насмеани одеа на училиште и се враќаа задоволни.
„Добивме снимки како пеат, танцуваат“
Се сеќавате дека нашите деца отидоа заедно во јазичен камп во Франција… па добивме видеа од нив како пеат покрај каминот, си играат на тематски ноќи и одат на екскурзии… знаете дека сите играа карти и се смееја заедно во собите до доцна во ноќта.
Како да не знаете, кога со благодарност му се јавивте на класниот раководител и му се заблагодаривте што вашиот син беше толку добро примен од неговите пријатели во новиот клас во кој избравте да го префрлите.
Дали знаете дека на тоа дете му требаше помош?
Им беше убаво, но во исто време им беше чудно зошто едно дете 7 дена спие свиткано во фотелја наместо во кревет, иако на располагање има цела двокреветна соба?!
Дали знаете дека на тоа дете му била потребна помош од вас родителите и стручни лица?
Трагедијата што ни се случи е толку страшна, болна и незамислива што секојдневно се мачиме да дишеме.
Мислите кои ќе не прогонуваат до крајот на животот се: Зошто не му помогнавте?! Зошто го трениравте на стрелиште и со него развивате и негувате такви страшни вештини за стрелање и убивање, додека ние ги носевме нашите деца на часови по уметност и спорт?!
Ако не сте биле свесни за вашата улога во невидената трагедија од 3 мај 2023 година, тогаш треба да се разбудите и да сфатите дека за жал овде имаме работа со трагедија од светски размери. Јасно ни е дека јавното мислење бара некаква смисла – причина со цел на некој начин да го објасни овој вид на криминал и да разбере како се случило?
Да разјасниме, врсничкото насилство е суштинска тема на денешното време, на кое мора да и се посвети најголемо внимание и грижа за да се запре.
Но, тоа не се случи во оваа трагедија и не треба повторно да се залажувате и да се криете зад невистините. Жал ми е, тоа се случи на најпогубниот можен начин, но од вашето дете до нашите деца.
Дали сте свесни дека преживеаните и ранетите добиваат закани по живот од целиот свет затоа што „некој ќе го заврши започнатото“, во болното убедување на правдата за „злоупотребеното“ момче.
Добро знаете дека децата од VII2 наивно го прифатија, му пружија рака за пријателство и тоа беше се што можеа нивните златни срца… се останато беше до вас кои сте одговорни за него и стручните служби кои мораа да одржуваат објективност тогаш кога ќе се појави родителска слабост.
Знаете, 21 век е за жал бесрамен век…во овој век не треба да се срами да се бара сета стручна помош која е достапна денес.
Кога повторно ќе ве прашаат, размислете дали ќе повторите: „Јас не сум виновен“ или барем кажете: згрешивме, не знаевме подобро…
Можеби тогаш не знаевте, но сега болната вистина е зад сите нас и треба да можете подобро… дури и да речете: „Извини, многу ни е жал, твоите деца не се виновни за било што!”
Ова не е само лична трагедија, туку колективна трагедија на едно општество затоа што умреа исклучителни деца кои беа на вистинскиот пат да станат големи луѓе и кои со своите семејства требаше да бидат залог за ова општество.
Сè уште се молиме за спасение на вашите души, но без исповед, нема покајание.