Директорот на Клиничкиот болнички центар (КБЦ) Загреб, Анте Ќорушиќ, починал во болница, потврди денеска за „Хина“ извор близок до болницата.
Ќорушиќ долги години беше директор на најголемата хрватска болница.
Полицијата пристигнала во болница и во тек е истрага за околностите на смртта.
„Можам да потврдам, човекот е мртов. Страшно е“, кратко изјави за порталот „Индекс“ – Миливој Новак, заменик директор на болницата.
Истиот медиум јавува дека неофицијално се дознава дека Ќорушиќ паднал од пожарникарската скала која се наоѓала на управната зграда.
Ќорушиќ е роден на 15 мај 1958 година во Сплит. По професија гинеколог, функцијата директор ја извршуваше од 2016 година.
Бил претседател на Хрватското гинеколошко и акушерско друштво.
Додека не стана директор на најголемата болница во Хрватска, тој беше на чело на здравствениот комитет на ХДЗ.
Според сопственото признание во интервјуто за „Слободна Далмација 2020“, Ќорушиќ е член на ХДЗ од 1989 година, а во партијата се приклучил во Запрешиќ, каде што живеел во тоа време.
Во мај 1991 година привремено ја прекинал специјализацијата за да се приклучи на Главниот штаб на здравствената служба како лекар волонтер, а потоа во единиците на хрватската полиција и тогашниот Национален гардиски корпус.