Нема да бидат објавени имињата на околу 6.000 физички и правни лица кои изнесле пари од Кипар во странство на почетокот од март, изјави оретседателот на кипарскиот Парламент Јанакис Омиру.
Тој наведе дека листата со имиња ќе биде доставена до пратениците, додавајќи дека дел од префрлувањето на пари во странство било во рамките на законски, трговски и други дејности.
Претседателот на парламентарната комисија Димитрис Силурис упати критики до претставниците на политичките партии дека формирале мнозинство за прекин на истрагата за префрлувањето на пари во странство.
Централната банка на Кипар во вторникот до парламентарната комисија достави список со имиња на 6.000 физички и правни лица кои повлекле депозити во висина од десетици милиони евра.
Повлечените пари биле испратени во странство. Повлекувањето на депозитите се случило од први до 15 март.