Латиноамериканските наркокартели сè повеќе го прошируваат бизнисот во Европа, а меѓу нивните партнери се и организирани криминални групи од Балканот. Според истражување на британскиот „Гардијан“, картелите воспоставиле мрежи што ги поврзуваат производителите на кокаин во Јужна Америка со европскиот пазар. Нивните членови сè почесто престојуваат во Европа и директно учествуваат во организацијата на шверцот.
Особено се издвојува соработката на латиноамериканските картели со албанските криминални групи и италијанската мафија ’Ндрангета. Се менува и начинот на функционирање на криминалните мрежи, при што голем дел од трговијата со дрога се одвива преку заеднички операции, без бројните посредници што претходно ги преземаа пратките на различни делови од шверцерските рути.
Еден од најзначајните судски процеси против ваквите мрежи се води во Брисел, каде што на обвинителна клупа се најдоа 31 лице поврзано со наводна меѓународна организација за шверц на кокаин. Меѓу главните обвинети се Белгиецот Флор Бресерс (40), познат по прекарот „Сечачот на прсти“, и Бразилецот Сержио Роберто де Карваљо (68), кого го нарекуваат „бразилскиот Ескобар“.
Обвинителството ги товари за учество во организација која, според сомневањата на истражителите, можела да пренесе до 45 тони кокаин во Европа. Мрежата наводно располагала со стотици милиони долари, кои ги префрлала преку фиктивни компании, криптовалути, финансиски пазари и недвижности.
Бресерс дипломирал криминологија на Слободниот универзитет во Брисел, поради што во криминалните кругови го нарекувале „Професорот“. Неговиот озлогласен прекар потекнува од случај во кој на жртва ѝ бил отсечен прст со градинарски ножици. Во 2015 година бил ослободен од обвинението за поврзаност со тој настан поради недостиг на докази, но во 2020 година бил осуден во друг случај за киднапирање и насилство врз холандски дилер на дрога.
Бресерс бил уапсен во 2022 година, додека дегустирал вино во луксузен хотел во Цирих, по две години бегство. Се соочува со обвиненија за киднапирање, незаконско лишување од слобода, изнуда со огнено оружје и водење криминална организација.
Карваљо е поранешен бразилски воен полицаец, кој уште во 1998 година бил осуден на 15 години затвор за трговија со дрога. Според бразилските судски документи, неговата организација купувала кокаин произведен во Перу и Боливија, а потоа го испраќала кон Европа преку бразилските пристаништа.
По преселбата во Европа, живеел во Португалија и Шпанија, каде што, според полициските податоци, користел лажни идентитети. Во Марбелја престојувал во вила вредна два милиони евра, претставувајќи се како богат државјанин на Суринам.
Обвинителството тврди дека од 2017 до 2020 година управувал со мрежа за шверц која ги користела пристаништата во Португалија, Холандија и Белгија. Португалската полиција се сомневала и во негови врски со бразилската криминална организација „Примеиро Командо да Капитал“ (PCC).
„Бразилскиот Ескобар“ уапсен во Будимпешта
За време на голема меѓународна полициска акција во 2020 година, во која учествувале повеќе од 1.000 полицајци, биле уапсени 45 лица. Биле запленети и повеќе од 13 милиони евра, 70 луксузни автомобили, 37 авиони и 136 недвижности.
Карваљо тогаш избегнал апсење, а подоцна, според наводите изнесени на судењето, ја лажирал сопствената смрт.
Во јуни 2022 година бил уапсен во луксузен хотел во Будимпешта, каде што престојувал со мексикански идентитет. Една година подоцна бил екстрадиран во Белгија.
Бресерс и Карваљо ги отфрлаат обвиненијата. Белгиецот тврди дека е жртва на медиумски прогон, додека Бразилецот наведува дека кривичните дела ги извршиле други лица.
„Пет години сум во затвор и никој не ме слуша. Овие злосторства ги извршил човек со исто име како моето, а не јас“, изјавил Карваљо за време на судењето.
Судскиот процес завршил на 9 октомври, а пресудата се очекува на 15 декември. На Бресерс му се заканува затворска казна до 20 години, додека Карваљо може да добие до 15 години затвор.
„Гардијан“ наведува дека полициските и разузнавачките служби во изминатата деценија откриле ќелии на латиноамерикански криминални организации во повеќе европски држави, вклучително и во земјите од Источна Европа и Балканот.
Меѓу организациите чии членови или лидери биле идентификувани во Европа се бразилскиот PCC, венецуелскиот „Трен де Арагва“, мексиканскиот картел „Синалоа“, колумбискиот „Клан дел Голфо“ и еквадорскиот „Лос Лобос“.
Нивните активности опфаќаат шверц на кокаин во Европа, трговија со оружје и синтетички дроги кон Латинска Америка, како и соработка со европски криминални групи.
Габриел Фелтран, социолог од парискиот универзитет „Сиенс По“ и истражувач во Францускиот национален центар за научни истражувања, објаснува дека картелите како PCC и „Синалоа“ воспоставуваат заеднички деловни структури со криминални организации од Албанија и италијанската ’Ндрангета.
Таквите мрежи ја купуваат дрогата директно од производителите и ја организираат нејзината испорака до крајниот пазар. Финансирањето, транспортот, комуникацијата, лабораториите и дистрибуцијата се концентрирани во исти раце, додека одделни задачи им се доверуваат на локални соработници кои можеби не знаат за кого всушност работат.
Енди Краг, раководител на Центарот на Европол за тежок и организиран криминал, предупредува дека латиноамериканските криминални организации денес имаат значително поголемо оперативно присуство во Европа отколку пред десет години.
„Латиноамериканските криминалци се силно вклучени во ова. Гледаме дека нивното присуство во Европа расте, а нивните активности стануваат сè поважни“, изјавил Краг.
Тој објаснил дека претходно европските криминалци се населувале во Латинска Америка за да ја организираат набавката на кокаин. Денес врските се двонасочни, бидејќи и латиноамериканските криминалци сè почесто трајно или повремено дејствуваат во Европа.
Фелтран овој процес го нарекува „платформизација на организираниот криминал“. Тој го споредува со деловните модели на големите технолошки компании, кои контролираат цел синџир на услуги – од инфраструктурата до крајниот корисник.
Ваквиот начин на организирање им овозможува на криминалните мрежи побрзо да се шират и да ја намалат зависноста од посредници. Експанзијата дополнително ја олеснуваат користењето криптовалути, инвестициите во недвижности и финансискиот сектор, како и растечката побарувачка за кокаин во Европа.
