Најмалку 28 луѓе беа уапсени во судирите меѓу полицијата и демонстрантите кои протестираа денеска во Атина по повод одбележувањето на четири годишнината откако полицијата уби еден 15-годишник, што потоа предизвика масовни демонстрации.
Средношколците фрлаа молотови коктели и камења на полицијата во грчката престолнина, каде што околу 2.000 луѓе маршираа кон парламентот извикувајќи “пандури, ѓубриња, убијци на деца”, пренесе АП.
Три демонстранти беа приведени на сослушување, а облеката на една жена накратко се запали, но таа не беше повредена, соопшти полицијата.
Полицијата додаде дека е ограбена и една продавница за гардероба, додека приватно оклопно комбе беше нападнато за време на краткотрајните судири со демонстрантите.
Судирите во Атина продолжија и во вечерните часови, кога се запалени шест автомобили, пренесе Ројтерс.
Судири имаше и во Солун, вториот по големина грчки град, каде што на протестот што беше организиран од ист повод, се собраа околу 1.000 средношколци.
Полицијата на 6 декември 2008 година, во центарот на Атина, го уби 15-годишниот Александрос Григоропулос, што ги покрена протестите во грчките градови кои траеја скоро три недели.
Полицаецот кој го уби момчето, во 2010 година беше осуден на доживотен затвор.