Началникот на одбраната на Бугарија, адмирал Емил Ефтимов, кој престојува во Париз, изјави дека делегацијата предводена од него учествувала на заедничката воена парада во Париз, соопшти прес-центарот на бугарското Министерство за одбрана.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, ова, според адмирал Ефтимов, е знак на единство, солидарност и споделување на напорите на земјите-членки на НАТО и на Европската унија.
Тој денеска учествуваше на одбележувањето на францускиот национален празник на покана на неговиот колега – началникот на Генералштабот на одбраната на француските вооружени сили, генерал Тиери Буркар.
На настанот учествуваа бугарски војници, заедно со нивните колеги од Централна и Источна Европа – Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Унгарија и Чешка.
Според адмирал Ефтимов, началниците за одбрана на источното крило на НАТО се поканети да учествуваат на прославите на Денот на Бастилја, испраќајќи јасна порака од Париз, демонстрирајќи ја посветеноста на Франција кон источното крило на Алијансата.
Началникот на одбраната на Бугарија, исто така, посочи дека земјите-членки на НАТО и на Европската унија од крајот на јуни ги спроведуваат воените аспекти на одлуките на Самитот во Мадрид, а подготовките за форумот се под влијание на актуелните безбедносни случувања и војната во Украина.
Извор: МИА