Грција се соочувала со улични немири и судири меѓу Грците, доколку дојдеше до колапс на домашната економија, што речиси сигурно би се случило доколку земјата ја напуштеше еврозоната, пишуваат лондонските весници, повикивајќи се на анализите на најугледните британски и француски банки.
Проценката била дека земјата ќе се најде во „целосен хаос“ ако не дојде до договор меѓу Атина и нејзините кредитори и земјите од еврозоната, што ќе предизвика судири меѓу приврзаниците за отпор кон кредиторите, што ги предводат левичарските и левите партии и организации, со оние кои бараа од владата, да се спогоди со ЕУ за земјата да остане врзана за еврото и да не се врати на некогашната драхма.
Се стравува дека сите опасности не се надминати и по согласноста на премиерот Алексис Ципрас да прифати „разумно решение“ за Грција, да се продолжи со реформите во финансискиот и банкарскиот сектор и со приватизацијата и со зголемување на Данокот на додадена вредност. Но по усвојувањето на двата реформски пакета во грчкиот Парламент, впечаток на аналитичарите е дека тензиите сега се намалени.
Пакетот реформски мерки минаа со подршка на грчките опозициски партии, кои од почетокот беа против водењето војна со кредиторите.
Таквата разврска, како и свртувањето на Ципрас, само десетина денови по референдумот, прадизвикаа криза во неговата партија Сириза, која убедливо победи на последните парламентарни избори и на „антиевропскиот“ референдумот, ризикувјќи со распад во оваа левичарска партија.
Дури 32 пратеника од владејачката партија, гласаа против, а шестмина други беа воздржани при гласањето за првиот пакет „наметнати реформи“, меѓу кои беше и поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис.
Некогашните истомисленици, сега се на две спротивставени страни.
Варуфакис тврди дека планот што го прифатил Ципрас е „лош и нема да успее“ откривајќи дека Владата на Сириза имала изработено „План Б“. Ципрас, меѓутоа, нему и на другите, им порача дека се изнаслушал патетични и патриотски говори, но дека никој од нив не дал алтернативно решение.
Во Лондон се верува дека групата „одметнати“ пратеници на Сириза, може да создаде крајно левичарска опозициска група или можеби и нова партија, но анализите покажуваат дека Ципрас во тој случај ќе свика предвремени избори, на кои лесно ќе победи.
Британската Влада, иако земјата е надвор од еврозоната, признава дека Велика Британија „мора да биде подготвена“ за секоја варијанта од грчката разврска и дека работи за да не биде изненадена.