Доколку против Оливер Дулиќ се покрене кривична постапка и судот утврди дека е виновен, тој би можел да биде осуден на казна затвор помеѓу две и 12 години.
Поради злоупотреба околу дозволата за поставување оптички кабел, вчера имаше обид да се уапси Дулиќ, но тој се повика на пратеничкиот имунитет само за да одржи пресконференција, а потоа веднаш се јави кај полицијата.
„Никогаш не сум го прекршил законот и тоа ќе го докажам. Тоа што се случува денес е крајот на еден процес кој започна пред еден месец ,јас да се тркалам во калта, а власта на еден од поранешните министри од Демократската партија да покаже дека е подготвена да ја искорени корупцијата“, изјави за новинарите Дулиќ.
„Очигледно се работи за политички прогон, затоа што веќе месец дена сум сотонизиран преку два таблоидни медиуми контролирани од страна на Владата со цел да го подготви теренот за моето апсење“, додаде Дулиќ.
Поради истрагата во овој случај во саботата беа уапсени, Небојша Јањиќ, поранешен помошник на Дулиќ и Зоран Дробњак, директор на ЈП Патишта на Србија за време на мандатот на Дулиќ.