По 453 рочишта и пет и пол години од почетокот на судскиот процес, на 7 октомври надлежниот грчки суд ќе ја соопшти одлуката за обвинетите од Златна зора, односно ќе одговори дали членовите и поранешните пратеници функционирале како криминална организација, јави дописничката на МИА од Атина.
Со денешниот исказ од еден од адвокатите на лидерот на Златна зора Никос Михалољакос, заврши еден од најдолгите, а веројатно и најдолгиот, но и најобемен судски процес во Грција против партијата Златна зора и судот соопшти дека следниот месец ќе биде подготвена и конечната одлука.
Главното обвинение е дека политичката партија всушност функционирала како криминална организација и стои зад низа инциденти, напади, но и зад убиството на музичарот Павлос Фисас пред седум години.
Адвокатот на оштетените Костас Пападакис во разговор со дописничката на МИА од Атина, завчера најави дека очекувањата се пресудата да биде соопштена следниот месец.
Судскиот процес за Златна зора, која е осомничена за криминална група, за низа расистички напади и две убиства, започна на 20 април 2015 во специјално адаптирана просторија во атинскиот затвор „Коридалос“, а подоцна беше префрлен во судница.
Многумина во Грција, тогаш, судењето го нарекуваат историско, а првото рочиште се одржа со огромна медиумска покриеност, како од грчките, така и од светските медиуми.
По прекинот во март, поради пандемијата, судењето продолжи на крајот од јуни, а во текот на оваа седмица се одржаа последните неколку рочишта.