Српскиот министер за надворешни работи Иван Мркиќ синоќа изјави дека одлуката на Хашкиот трибунал да ги ослободи хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач ја шокираше не само Србија туку и голем број правни експерти ширум светот.
– Сметаме дека таква неправда повеќе никогаш не смее да се случи, истакна Мркиќ во своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН во Њујорк.
Шефот на српската дипломатија предупреди дека „ваквата одлука на судот во Хаг ќе има негативни последици врз процесот на помирување во регионот, кој е клучен елемент на консолидацијата на мирот и стабилноста во регионот, каде Србија е силно посветена“.
На одлуката на Трибуналот во текот на дебатата се осврна и рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин, кој оцени дека неодамнешното ослободување на хрватските генерали не придонесува за подобрување на ситуацијата на Балканот, вклучувајќи го и Косово.