Шефицата на дипломатијата на Европска Унија, Федерика Могерини најави дека министрите за надворешни работи на следниот состанок на Советот на ЕУ во декември ќе ја разгледуваат ситуацијата во Западен Балкан.
Таа по дебатата на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ за ситуацијата во Босна и Херцеговина, најави дека шефовите на дипломатијата „ќе се навратат на прашањето БиХ, но и на целиот Балкан“ на состанокот на Советот на Унијата во декември.
Таа додаде дека министрите на ЕУ од денешниот состанок во Брисел испратиле три главни пораки за БиХ.
– Тоа е апелот да се формира влада што е можно побрзо, бидејќи изборните резултати веќе се официјални. Второ, 100-процентно фокусирање на реформската агенда, што граѓаните на БиХ, а пред се младите го очекуваат тоа, а што е поврзано и со ЕУ перспективата на земјата. Исто така, неопходно е БиХ да се фокусира и на реформите на изборниот закон и загриженоста што произлегува од тоа, посочи Могерини.
Таа додаде дека следните месеци ќе бидат пресудни за напредокот на БиХ по сите наведени приоритети.