Претседателот на тричленото претседателство на Босна и Херцеговина, српскиот претставник Младен Иваниќ денеска соопшти дека испратил писмо до амбасадорите на земјите членки на Советот за безбедност на ОН, во кое бара советот да не прифаќа резолуција за Сребреница, предложена од Велика Британија.
Иваниќ, кој моментално е претседател на БиХ, функција на која се менуваат тројца членови на претседателството, нагласи дека писмото го испратил како претставник на српскиот народ и од свое лично име, бидејќи во колективното претседателство нема консензус за тоа прашање.
– Резолуцијата, меѓу другото, доведе до целосна промена на ситуацијата во БиХ и ја врати земјата наназад. Денеска никој повеќе не зборува за иднината, сите зборуваат за минатото, истакна Иваниќ на прес-конференција во Бања Лука.
Според него прашањето за резолуцијата за Сребреница, предложена од Велика Британија пред одбележувањето на 20 години од масакрот, како и апсењето на босанскиот командант Насер Орич во Швајцарија, на барање на Србија, целосно го поделило општеството во БиХ.
Предлог резолуцијата на Велика Британија за Сребреница предвидува да се прогласи 11 јули за ден на сеќавање на жртвите во Сребреница. Масакрот во Сребреница беше оценет како геноцид од страна на меѓународното правосудство.