Кипарската економија ќе се распадне доколку не се изгласа данокот врз банкарски депозити, предупредува нобеловецот и претседател на Националниот совет за економија на Кипар, Христофорос Писаридис, цитиран од весникот „Филелефтерос“.
Во изјава за кипарската информативна агенција, Писаридис искажа мислење дека колку и спогодбата со ЕУ да е болна за островот, единствената надеж да се спаси кипарската економија е да се изгласа овој закон, бидејќи во спротивен случај последиците ќе бидат многу полоши.
Тоа што Еврогрупата ни го остави да го направиме е невидено, рече нобеловецот и додаде дека ќе има истекување на странски депозити.
-Ако овој закон не се изгласа, ќе има безброј банкроти и многу кипарски вложувачи ќе загубат се што имаат, затоа што банките веќе нема да им ги отвораат вратите. И тоа ќе се случи сега, во следните два-три дена, а не во иднина. Нашата економија ќе се разурне, предупредува нобеловецот.