Во добра клима, со отворена и искрена дискусија и со поставени темели за подобрување на односите меѓу двете земји, според грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, поминала средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис и Ердоган денеска имаа работен ручек во резиденцијата на турскиот претседател во Истанбул, а грчкиот премиер веднаш потоа се сретна и со вселенскиот патријарх Вартоломеј и на почетокот од средбата се осврна и на разговорите со Ердоган.
– Се надевам дека се согласивме дека во овој момент се соочуваме со толку многу предизвици како човештво, но и како две земји сојузници во НАТО, што е поважно да се фокусираме на оние работи што нè обединуваат, а помалку на оние што нè разделуваат, рече Мицотакис.
Тој додаде дека ги повторил грчките национални ставови, но ја потенцирал потребата да се гради позитивна агенда, особено во економијата и изрази уверување дека ако сè биде во ред, на есен би можел да се свика Високиот совет за соработка меѓу двете земји, чиј домаќин ќе биде Грција.
– Мислам дека беше можност за многу отворена, многу искрена дискусија и мислам дека ја поставивме основата. Внимателен сум во формулациите, бидејќи како што разбирате имаме големи разлики кои не се премостуваат од еден момент во друг. Верувам дека ги поставивме темелите за подобрување на нашите односи и во главно да соработуваме во големите прашања во кои во моментов се соочуваме со огромни предизвици, рече грчкиот премиер на средбата со Вартоломеј коментирајќи ги разговорите со турскиот претседател.
Владини извори за грчките медиуми брифираа дека на средбата што траела над два часа Мицотакис и Ердоган се согласиле „да се направи напор за намалување на тонот на реториката, бидејќи со големите проблеми создадени со руската инвазија на Украина, во интерес на сите е да постои стабилност во Југоисточниот Медитеран“.
Извор: МИА