Грција секогаш има амбиција да игра водечка улога во нашето пошироко соседство, а особено во време кога прашањата за енергетската безбедност се појавуваат како врвен приоритет за сите европски држави. Нашата улога во оваа област е особено зајакната, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по завршувањето на Самитот за Западен Балкан во Берлин, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис рече дека со шесте земји од Западен Балкан разговарале за начините на кои Грција може да помогне за енергетска независност од рускиот природен гас, но и за можните грчки инвестиции во однос на енергетската транзиција.
-Како што знаете, во нашата земја во тек се многу важни инфраструктурни инвестиции, така што земјата станува центар за увоз на течен природен гас. Течен природен гас, кој не само што ќе ги покрие потребите на нашата земја, туку ќе се насочи и на север, за да ги покрие потребите на Западен Балкан, Бугарија, евентуално Романија, зошто да не и Централна Европа, рече Мицотакис.
Додаде дека во исто време, Грција „има водечка улога во енергетската транзиција, особено во обновливите извори на енергија“ и истакна дека земјата може да биде многу активна во овој вид инвестиции, кои ќе се реализираат на Западен Балкан, со цел земјите да ја спроведат зелената транзиција.
-Сакам повторно да нагласам дека водечката улога на Грција, како сила на стабилност и соработка во нашиот регион, веќе е препознаена од сите партнери и ова, очигледно го зајакнува целокупниот геополитички отпечаток на нашата земја, истакна грчкиот премиер.
Фото: Кабинет на грчкиот премиер
Извор: МИА