Мислам дека повторно се врати довербата, доверба во институциите, доверба во државата, доверба во однесувањето на нашите сограѓани, бидејќи овој колективен напор никогаш немаше да биде успешен, ако не чувствуваме дека сите го правиме она што зависи од нас и сите на праведен начин го споделуваме товарот, без разлика дали е ограничувањето дома и утре, товарот за справување со економската криза, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на средбата со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис денеска ја посети претседателската палата за и одблиску да ја информира Сакаеларопулу за справувањето со Ковид-19, како и за економската димензија на пандемијата.
Во дијалогот пред камерите, на почетокот од средбата, грчкиот премиер се осврна на „високото чувство на одговорност и солидарност на граѓаните“ во однос на „дисциплинарното прилагодување“ на рестриктивните мерки, додека, пак, претседателката на Грција рече дека општеството во целост покажа „импресивна зрелост“ во изминатиот период.
– Првите знаци што ги имам од утрово, следејќи го јавниот превоз, се дека и сега, нашите сограѓани се прилагодуваат на упатствата на експертите. И сакам да упатам јавно охрабрување, овие добри навики и понатаму да продолжат да се манифестираат и во следните седмици, додека да ги имаме следните позитивни вести дека навистина успеавме, и сега кога ја ослободуваме економска активност, да не видиме нов пораст на случаите, рече Мицотакис.
– Сакам да бидам оптимист дека сите ќе продолжиме да бидеме дисциплинирани и така да го прифаќаме спроведувањето на мерките, бидејќи секако нѐ чекаат и проблемите што ги има земјата. Повторно економска криза, проблеми, односно како да се справиме со последиците со пандемијата од оваа гледна точка, климатската криза што постоеше и ќе треба сите политики да се прилагодат на неа, рече претседателката на Грција.
Сакеларопулу и Мицотакис денеска првпат одржаа директна средба, во живо, откако таа стапи на функцијата, имајќи предвид дека тоа се случи во периодот кога во земјата започнаа да се преземаат дел од превентивните мерки.
Грчкиот премиер и шефицата на државата веќе одржаа една средба, но преку видео конференциска врска.
За време на денешните разговори, Мицотакис истакна дека неговата намера е ваквите средби да добијат редовен карактер