Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ќе ја посети Грција, прв пат откако во земјата изби должничката криза.
Во текот на нејзината шестчасовна посета, зголемени се мерките за безбедност, ангажирани се шест илјади полицајци, како и специјална антитерористичка единица. Во Атина се забранети сите собири.
Штефан Зајберт, портпаролот на Меркел, изјави дека таа заминува за Грција за да ја изрази поддршката за амбициозните мерки за штедење.
„Канцеларката Ангела Меркел заминува за Грција за да ја изрази поддршката за напорите за остварување на амбициозните реформи. Меѓутоа, не треба да заборавиме дека Грција може да постигне успех во намалувањето на својот дефицит само преку многу тешки мерки”, изјави портпаролот на германската влада Штефан Зајберт.
Кратката посета на Меркел, која ќе разговара со премиерот Антонис Самарас, се поклопува со зголеменото незадоволство од новите мерки за штедење.
Грчките синдикати вчеравечер организираа протести поради намалувањето на платите. Демонстрантите, како што пренесува Ројтерс не ја пропуштија приликата своето незадоволство да го насочат и кон Меркел.
Меѓу транспарентите истакнати пред парламентот, највеќе имаше такви со натписи „Ангела не си добредојдена“.